За Северна Македонија значајна е силната поддршка од Обединетото Кралство за европските реформи и продолжување на патот кон ЕУ. Во контекст на две и пол децениските стабилни билатерални односи меѓу двете земји имаме успешна соработка со нашите партнери и НАТО сојузници, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната средба со државниот министер за Европа во британското Министерство за надворешни работи, Лео Доерти.

На средбата Маричиќ и Доерти разговарале за билатералната соработка, процесот на преговори на земјата со ЕУ, како и за безбедносната криза и последиците предизвикани од истата.

Маричиќ порача дека соработката со Обединетото Кралство ќе продолжи и во идинина во делот на реформите и напредокот кон ЕУ.

Соговорниците се согласија дека почетокот на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ е важен чекор за цел регион, кој е клучен за стабилноста и безбедноста на цела Европа. Како што беше посочено на средбата, успешното реализирање на скрининг процесот мора да биде поттик за забрзување на реформите и достигнување на европските стандарди и вредности.

Доерти ја потврдил принципиелната поддршка на Обединетото Кралство за Северна Македонија во процесот на интеграција во Европската Унија, поздравувајќи ги заложбите од страна на македонската Влада за спроведувањето европски реформи и за целокупниот напредок постигнат во овој контекст.

Разговарајќи за безбедносната криза, Маричиќ и Доерти се согласиле дека Западен Балкан е клучен за европската безбедност. Соговорниците ја нагласија и потребата од координација во одговорот на предизвиците со кои се соочува Европа, вклучително и преку евроатлантската интеграција и поддршката за енергетска транзиција. Вицепремиерот Маричиќ посочи дека земјава е целосно усогласена со надворешната безбедносна политика на ЕУ, но и покрај тоа, неопходни се поддршка и координирано делување, со цел да се превенираат посериозни можни последици.

На средбата беа разгледани и можности за унапредување на соработката преку размена на британското искуство во рамки на евроинтеграцискиот процес, но и во клучните процеси поврзани со владеењето на правото, судството и внатрешниот пазар, како севкупни реформи за напредок на општеството и на европскиот пат.