Амбасадите на Соединетите Американски Држави во Белград и Приштина во заедничко соопштение побараа итно отстранување на блокадите на патиштата на северот на Косово и запирање на заплашувањата и заканите со насилство.
„Тие што поставија нелегални блокади веднаш да ги отстранат. Очекуваме крај на заканите со насилство и заплашување“, се вели во заедничката изјава.
Соединетите Американски Држави изразија загриженост за ситуацијата, наведувајќи во соопштение дека косовските власти уапсиле едно лице под сомнение за насилен напад врз припадници на безбедносните служби и членови на изборната комисија и дека нападот се користи како оправдување за нелегални блокади на патишта, закани и заплашувања на косовските власти и локалното население.
Амбасадите ја изразија својата целосна поддршка за КФОР и ЕУЛЕКС и ги осудија како неприфатливи сите напади врз Косово и меѓународните безбедносни служби.