На Меѓународниот ден за човекови права 10 Декември во Собранието беше свечено доделено признанието за придонес во областа на човековите права. Оваа година Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ одлучи ова признание да им биде доделено на Ленче Здравкин позната како Ангелот од Велес и Денис Јанкуловски познат под прекарот „Космонаутко“

Ленче Здравкин, уште од почетоците на бегалската криза која го зафати Балканот, помагаше на бегалците кои транзитираа низ Македонија. Како хуманитарка и борец за унапредување на човековите права таа постојано обезбедуваше храна, облека и место за одмор на илјадниците луѓе кои бегаа од војни и конфликти, а често беше присутна и во транзитните центри во „Винојуг“ и „Табановце“.

Денис Јанкуловски познат и по прекарот „Космонаутко“ е здравствен работник кој како дел од тимовите кои земаа брисеви на почетокот на пандемијата со Ковид-19 ги едуцираше, охрабруваше и забавуваше своите пациенти како и македонската јавност. Тој истовремено е и активист од здружението „Аутизам ААМК“ кое се залага за зголемување на свеста за лицата со нетипичен развој, нивна поголема вклученост во општеството, прифаќање и почитување.