Деновиве на социјалните мрежи кружат бројни фотографии од бездомни кучиња кои го поминале „хуманиот“ третман во ЈП Лајка. Се работи за кучиња кои со отворени рани, инфекции и несоодветен постоперативен третман се враќаат на улиците на градот Скопје.
Граѓаните остро реагираат и бараат кучињата повторно да бидат згрижени и третирани соодветно како и промена на ветеринарите кои очигледно не се стручни и вежбаат на кучињата.

Но што се случува зад затворени врати во институцијата која навидум е отворена за јавноста.
Според сознанија на 24 Инфо, вработените кои ги вршат интервенциите се лица кои се ветеринарни техничари, а не доктори по ветеринарна медицина.
Лајка е претпријатие за хуман третман на бездомните кучиња, а не научно истражувачка установа. Овие лица се платени од парите на граѓаните за проблемот со бездомните животни да биде решен но не и по цена невини животни да страдаат.

Повеќе од очигледно е дека кучињата не добиваат хуман третман и врз нив се вршат експерименти со смртни последици.
Сликите се стравични, а дејствијата монструозни и грубо ги прекршуваат член 22, член 36 и член 111а од Законот за ветеринарно здравство.
Се прашуваме дали овие ладнокрвни оператори кои позираат до мртво тело од куче, утре можеби би посегнале и по човечки живот. Колку од овие стручни кадри се реално способни за извршување на работата за која се платени.
Очекуваме надлежните органи, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Ветеринарната комора да реагираат во најкус можен рок.





















