Алтернатива не гледа никаква причина Алијанса за Албанците да стане дел од владиното мнозинство и нема намера да отстaпи министерство во полза на опозициската партија, објави Слободен Печат.

Ако премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети договорат влез на Алијанса во Владата, СДСМ и ДУИ ќе треба да отстапат од своите ресори, вели за „Слободен печат“ генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

– Ако им веруваме, а јас не би сакал да не им верувам, на премиерот и на претседателот на Алијансата за Албанците дека во петокот разговарале за интеграцискиот процес и за борбата против корупцијата, мислам дека сè уште нема никаков друг контекст за припојување на Алијансата кон владиното мнозинство. Всушност, мнозинството е истото од лани ова време кога Алтернатива се приклучи на Владата, па затоа не гледам која би била причината за влез на некоја друга партија во Владата. Единствено ново е стравот на ДУИ да не остане без „огнените“ пратеници. Во тој случај ДУИ ќе бара некоја резервна гума, а дали Алијанса ќе прифати да биде тој елемент, тоа е нивна одлука – вели Ибрахими.