Европската Комисија објави анализа за употребата на антибиотици во ЕУ, а резултатите сѐ уште не се задоволителни.

Утре се одбележува паневропскиот ден на сензибилизација против антибиотици. По овој повод анализата покажува дека преголем број граѓани во ЕУ и натаму веруваат дека антибиотиците убиваат вируси, што е медицински погрешно.

Според анкетата 23 отсто од испитаниците употребиле антибиотик во измината година, што е сепак најнизок број од 2009 и покажува подобрување на знаењето на граѓаните.

Но, како што посочува Европската Комисија, преостанува уште многу работа на полето на сензибилизацијата. Комисијата алармира повторно дека отпорноста на антибиотици е една од трите најголеми опасности за здравјето на луѓето. За да се надмине проблемот Комисијата повикува на засилена координација меѓу земјите членки на ЕУ.

Секоја година во ЕУ, Исланд и Норвешка над 35 илјади луѓе умираат поради инфекции отпорни на антибиотик. Ова значи дополнителен товар од 1,5 милиони ера за здравствените системи во ЕУ.

Во овој контекст Европската Комисија најави дека на почетокот на идната година ќе предложи промени на фармацевтското законодавство за справување со овој проблем и препорака до Советот на ЕУ.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.