Украинскиот претседател Зеленски, го посети градот Херсон, кој минатата недела беше ослободен од руската окупација. Тој разговараше со војниците собрани во градот и рече дека Украина „оди напред“. Радосните цивили кои ја преживеаја неколкумесечната руска окупација се спуштија на централниот плоштад во Херсон, гушкајќи ги украински војници, фотографирајќи се со нив и веејќи украински знамиња.

Advertisements

За време на посетата Зеленски рече дека Украина е „подготвена за мир за целата земја.

„Дали е почеток на крајот на војната? Се разбира, ја гледате нашата силна армија, чекор по чекор доаѓаме во нашата земја, на сите привремено окупирани територии, и секако дека е лошо, но тоа е долг пат, тежок пат, бидејќи оваа војна ги зеде нашите најдобри херои. Ние сме подготвени за мир, но нашиот мир за нашата земја е целата наша земја, целата наша територија. Го почитуваме законот и го почитуваме суверенитетот на сите земји, но сега зборуваме за нашата земја, затоа се бориме против руската агресија“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Тој им се заблагодари на НАТО и на другите сојузници за поддршката во борбата против Русија и рече дека ракетните системи Химарс, испратени од САД, многу му помогнале на Киев. Во претходното видео обраќање, Зеленски рече дека истражителите откриле повеќе од 400 воени злосторства во областите Херсон по заминувањето на руските сили.

„Истражителите веќе документираа повеќе од 400 воени злосторства од страна на Русија. Пронајдени се тела на загинати цивили и војници. Во регионот на Херсон, руската армија ги остави зад себе истите ѕверства како и во другите региони на нашата земја, каде што можеше да влезе“, додаде тој.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, зборуваше за посетата на украинскиот претседател на Херсон, откако руските војници се повлекоа од градот. “Немам коментар. Ова е руска територија“, рече Песков на редовната прес-конференција.

Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг изјави дека на Украина и претстојат тешки месеци и не треба да се потценува рускиот воен капацитет. Тој ја пофали „извонредната храброст“ на украинските сили, кои ја вратија контролата над регионот Херсон, и рече дека меѓународната поддршка за Киев мора да продолжи.

Шкелзен Аќифи