Македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за РС Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи еден сребрен медал.
Сребрениот медал за РС Македонија на втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2022), во Анталија, Турција, го освои Софија Велковска од Скопје, а солидно претставување имаа и останатите 3 членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.
Тимот беше раководен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат. Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот.
Следната, трета по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023) ќе се одржи идната година, во Лунд, Шведска.



















