Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, денес ќе ги скенира квалитетите на домашните фудбалери. Во Абу Даби, Македонија ќе одигра контролна средба со учесникот на Светското првенство во Катар, Саудиска Арабија.
Во термин кој не е во календарот на ФИФА и УЕФА, нашите избраници ќе добијат вистинска шанса да се докажат во репрезентативниот дрес, бидејќи пред себе ќе имаат тим кој е редовен учесник на големите собири и е во фаза на подготовки за претстојниот Мундијал.
Милевски ќе располага со фудбалери од домашното првенство, но и со двајца интернационалци – Дарко Велковски и Кристијан Тошевски. Целта на овој вид на тест-натпревар е да им се даде шанса на фудбалерите од ПМФЛ од кои Милевски ќе бара потенцијални репрезентативци за следните квалификациски циклуси.
Македонија веќе тренираше во Абу Даби, а попладнево пред себе ќе ја има најсилната Саудиска Арабија, предводена од селекторот Ерв Ренар. Натпреварот меѓу Саудиска Арабија и Македонија се игра в сабота од 16:30 часот./Gol.mk/