Во Брисел продолжуваат објаснувачките состаноци од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, а на денешната агенда беше и Поглавјето 29, „Царинска унија“.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во своето воведно обраќање ја истакна важноста од интеграцијата во европската царинска унија како за владата, така и за компаниите и граѓаните и го потенцираше доброто ниво на подготвеност на Северна Македонија во оваа област.
– Изминатите години работевме на усогласување на нашето национално законодавство со европското, но и на зајакнување на оперативниот и техничкиот капацитет на Царинската управа. Задоволни сме што последниот Извештај на Европската комисија го препознава тоа и што политичката волја и заложба во реализацијата на реформската агенда дава резултати, рече вицепремиерот Маричиќ.
Како револуционерен чекор напред во царинското работење и едно од поголемите достигнувања на Царинската управа, вицепремиерот Маричиќ ја посочи дигитализацијата на царинското работење и целосно електронско функционирање на управата, односно имплементацијата на новиот систем за царински декларации и акцизна обработка, кој целосно е во согласност со меѓународните стандарди за размена на податоци и правилата на ЕУ дефинирани во оваа област.
На објаснувачкиот скрининг состанок присуствуваше и директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, заедно со претставници од оваа институција. Таа на состанокот рече дека претставува чест што можат да дадат свој придонес, но дека во исто време се свесни за одговорноста која ја имаат во овој комплексен и важен процес за сите нас.
– Во последнава декада, Царинската управа е целосно посветена на усогласување со правилата и процедурите на Царинската унија на ЕУ, а во нашиот нов Акционен план за развој се вклучени активности и проекти кои се усогласени со препораките од последниот Извештај за напредок од ЕУ, и вклучуваат понатамошно усогласување на царинското законодавство, подобрување на стандардите за интегритет, борба против корупција, како и проекти за понатамошна дигитализација во согласност со Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ – MASP“, истакна директорката Славица Кутиров.
Во однос на царинското законодавство, Маричиќ рече дека се работи на целосно усогласување на новиот Царински законик со новиот Царински законик на ЕУ и дека Царинската управа донесе нова Стратегија за развој на ИКТ 2021-2025 година и Акциски план за интерконекција и интероперабилност со системите на ЕУ.
Што се однесува до олеснувањето на трговијата, вицепремиерот кажа дека е имплементиран концептот на овластен економски оператор, при што 23 компании добија статус на овластен економски оператор, а ги спомена и новоизградените царински терминали на главните гранични премини со Србија и Албанија, концепт „ONE STOP SHOP“.
Денеска се одржаа два објаснувачки состаноци за Поглавјата 20 и 29, односно „Претпријатија и индустриска политика“ и „Царинска унија“, кои се дел од Кластерот 3.
Билатералните состаноци за Поглавје 20 ќе се одржат на 31 мај и 1 јуни 2023, додека пак за Поглавје 29, на 7 и 8 јуни следната година.
Утре завршува објаснувачкот скрининг процес за Кластер 3 со состаноците за Поглавје 16 „Оданочување“ и Поглавје 25 „Наука и истражување“.