Двете синдикални организации на Македонска пошта денеска повторно одржаа предупредувачки протест за време на паузата. Бараат да им биде исплатена септемвриската плата, да не се доцни во иднина со исплатата на платите, да се подобрат нивните услови за работа и државата да ги користи нивните услуги и да не ангажира приватни пошти, со цел да се зголемат нивните приходи.

Претседателот на едниот Синдикат на Македонска пошта Боро Велигденов појасни дека протестот го одржуваат поради доцнењето на платите, кои требало да бидат исплатени најдоцна до 15-ти месецов.

– Дополнително како вработени се грижиме за нашата егзистенција, за нашите работни места, односно за иднината на нашата компанија, проблем кој со години се провлекува и особеното немање интерес од Владата да заземе цврст став во надминување на состојбите и на подобрување на работењето на Македонска пошта. Македонска пошта е државна компанија која е од суштинско значење за државата и мора како пошта да постои и да биде главен сервис на граѓаните, потенцираше Велигденов.

Тој предупреди дека доколку не се исплатата платите до вторник, сите вработени од Македонска пошта ќе одржат протест пред Влада.

–Сепак, станува збор за егзистенција на нашите семејства – немаме плата во оваа криза кога енормно се покачуваат цените не можеме дома да ги исплатиме нашите обврски, да однесеме леб, кредити и ред други работи. Впрочем, не можеме да дојдеме на работа, немаме пари за издржување, истакна претседателот на Синдикатот.

Тој информираше дека вчера одржале состанок со Управниот одбор, но оти сè уште немаат добиено официјален одговор.