Инфекциите се неизбежни во клиничкото лекување, и тоа го знае секој доктор и сестра и токму поради нивната природа тие се чести при лекувањето и тоа во секоја болница во светот, вели д-р Жан Митрев за интрахоспиталните инфекции во првото интервју дадено за порталот мкд.мк.
Во однос на тоа колку беа такви случаи во Клиника Жан Митрев и дали клиниката има евиденција, д-р Митрев вели: „Пациентите кои ние ги лечевме, покрај компликациите кои беа направени како последица на ковид вирусот, сите беа третирани со големи дози на антибиотици и кортикостероиди. Сето тоа беше и причина овие пациенти да се во една тешка имунодефицитна состојба, па со така паднат имунитет им се накалемуваа дополнителни бактериски инфекции. Тие се чести при лекувањето и тоа во секоја болница во светот, посебно во одделенијата за интензивна нега, каде што пациентите подлегнуваат на долготрајни хоспитализации и инвазивно лекување. Тоа е познат проблем во светски рамки, а посебно проблематично беше и кај ковид пациентите. Да и кај нас имаше такви пациенти, доаѓаа од други болници, во катастрофална состојба. На сите тие пациенти правевме микробиолошки анализи многукратно, уринокултури, хемокултури. Се боревме за тие пациенти и ниту еден не беше така оставен, без максимална грижа и напор од персоналот да му се помогне. Ги спроведувавме постапките за заштита и изолација, единствена болница сме каде за ваква намена имавме негативен притисок во сите соби каде што беа ковид пациенти. За тоа поседуваме уредна документација, која ја приложивме до институциите. Како беше во другите болници од каде дојдоа пациентите знаеме само од некои слики, кои ни ги праќаа некои членови од фамилиите за да ги префрлат кај нас на лекување“, објасни д-р Митрев.
Според достапните студии застапеноста на секундарни инфекции, интрахоспитални или суперинфекции, во одделите за интензивна нега кај ковид пациенти, кои се објавени во медицинска литература се движи од 9,3% до 87%. На пример во Белгија, секундарната инфекција се јавила кај 68% од тестираните пациенти, во Велика Британија кај 30,6%, во Франција овој процент е 27% од тестираните пациенти. Во студија во Кина е откриено дека секундарна инфекција се јавила кај 86,8% од тестираните пациенти, коишто биле хоспитализирани повеќе од 72 часа. Секако, се користени разни показатели и разни методи во овие публикации, но се гледа дека проблемот е јасен.






















