Голем број светски медиуми ја истражуваат сторијата поврзана со веста дека Ф1 тимот на Ред Бул ги прекршил финансиските правила, пречекорувајќи го лимитот од 145 милиони долари за 2021 година.
Откако ФИА најпрвин го продолжи рокот за објавување на резултатите од својата истрага, а потоа излезе со соопштение дека утврдила „прекршување кое е помало од 5% на вкупната сума“, холандскиот „Телеграаф“ објави дека станува збор за сума меѓу еден и два милиона долари.
Овој обид да се намали зачењето на прекршувањето беше толкуван со фактот дека пет проценти од сумата претставуваат 7,25 милиони долари, па беше лансирана теорија дека трошоците за исхрана на илјада работници во седиштето на тимот во Англија се еднакви на сумата што е пречекорена.
Друга верзија е онаа која се потпира на третманот на Адријан Њуи. „Ziggo Sport“ објави дека Ред Бул го прикажува Њуи како свој вработен, но дека истрагата на ФИА покажала дека нему му се исплаќани средства на неговата компанија, поради што тие пари имаат третман на средства кои се лимитирани.
Адријан Њуи од 2006 година е дел на „големото семејство“, каде што првично беше формирана компанија како „Ред Бул Технологија“, која требаше да работи за двата тима. Се калкулираше дека неговата плата е над 10 милиони долари годишно. Тој освои конструкторски титули со Вилијамс и Мекларен, пред да го направи трансферот во Ред Бул, а седум пати возачите на неговите конструкции станувале светски прваци.
Според негово лично признание, тој имал понуда да се префрли во Ферари во 2014 година, но сепак решил дека не сака да замине од тимот. Тогаш прифатил да се сретне со Лука ди Монтеѕемоло кој му дал двојно побогата понуда, но мотивот за тоа бил поради неконкурентните турбо мотори што ги имале во тој момент. Денеска се смета дека Њуи е меѓу први три имиња на листата на лица со најголема плата во Ред Бул./Derbi.mk/