Во Брисел почнува дводневен состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО, на кој ќе се собере Контакт групата за одбрана на Украина, предводена од Соединетите држави. На состанокот на Контакт групата, украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников ќе ги информира сојузничките министри за најновите случувања на теренот и за итните потреби на Украина за зимата. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг утре ќе претседава со состанокот на Групата за нуклеарно планирање, на кој ќе се разговара за опасната нуклеарна реторика на Русија и улогата на нуклеарните капацитети на НАТО во зачувувањето на мирот и одвраќањето на агресијата, се вели во соопштението.