Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека Владата денеска ќе ја испрати во Собранието номинацијата на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, откако тој ќе ја потпише.

-Штом ќе заврши овој настан ќе ја потпишам номинацијата за Пенов и ќе ја испратам во Собранието, како што кажав дека во понеделник ќе го направам тоа, рече Ковачевски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на соларната електрана на ГЕНИ.

Владата претходно ја прати и оставката од таа функција на  Горан Милевски, сопратиецот на Пенов од ЛДП. Милевски поднесе оставка од функцијата на 20 септември годинава, од, како што информира, лични причини.

Премиерот Ковачевски уште еднаш потврди дека освен во ова Министерство, не очекува смена во владиниот состав, ниту на министерските позиции од кадри на ДУИ.

-Јас не очекувам смена во другите ресори, еве тука има министер од ДУИ кој што учествуваше во изградбата на најголемата фотоволтаична централа во државата, министер за економија во чиј што мандат е тоа направено, рече Ковачевски.