По 94 отсто преброени гласови на парламентарните избори во Шведска, демократите станаа втората најсилна партија во парламентот, по социјалдемократите на премиерката Магдалена Андерсон.

Шведските демократи, популистичка антиимиграциска партија, ветија дека ќе ги разбијат бандите во гетоизираните населби каде стапката на криминал е зголемена, пренесе Бета. Затоа, Швеѓаните се загрижени за безбедносната ситуација во земјата, која сега има една од највисоките стапки на оружено насилство во Европа.

По пребројувањето на 94 отсто од гласовите, конзервативниот опозициски блок, вклучително и Шведските демократи, има благо водство пред блокот на левиот центар, кој е на власт.

Аналитичарите очекуваат конечниот резултат да ја потврди победата на конзервативниот блок, но изборите беа толку неизвесни што официјални лица рекоа дека нема да има конечен резултат додека не се пребројат преостанатите гласови пристигнати по пошта и од странство.

Со оглед на тоа што осум партии се борат за места во шведскиот Риксдаг кој брои 349 места, ниту една не може да обезбеди мнозинство од 175 места.