Таа беше кралица која била најдолго на тронот во британската историја. Нејзиниот долг живот беше – служба. Така на работите гледаше и самата Елизабета Втора. Веќе како принцеза, на нејзиниот 21 роденден, во 1947 година, таа им се обрати на своите идни поданици низ Комонвелтот.
„Се колнам пред сите вас дека цел мој живот, долг или краток, ќе ви служам вам и на големата царска фамилија на која сите припаѓаме“. Елизабета го сними за радио краткиот говор со своето животно мото за време на патувањето во Кејптаун. Таа ги користеше медиумите и модерната комуникација. Нејзиното крунисување во 1953 година беше првото што се емитуваше на телевизија. Светски настан.
„Никогаш претходно едно толку исклучително ветување не е одржано толку егзактно. Во време на постојано менување на обичаите и политиката, Нејзиното Височество остана цврста, карпа за нашата нација, а понекогаш и за целиот свет“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон на одбележувањето на 60-годишнината од крунисувањето на Елизабета Втора, во 2013 година.
„Кралицата на Велика Британија и Северна Ирска, нејзините други поседи и територии, поглавар на Комонвелтот и бранител на верата“ (точната титула) беше популарна во многу делови од светот, особено во Германија. Еден вид заменски монарх, вели за ДВ германската истражувачка на благородништвото Моника Винфорт.
„Фасцинацијата произлегува од спектакуларното во секојдневието“, вели историчарката. „Всушност, овие благородници прават многу обични работи. Тие се мажат/женат, имаат деца и умираат. Но, тие го прават тоа на репрезентативен начин. Кога инаку ќе видите кочија?“
Големата криза по смртта на Дијана
Принцот Чарлс, најстариот син на кралицата, еднаш го опиша своето семејство, Виндзор, како „сапуница“. Кралицата ги издржа сите драми, разводи, скандали. Разнишана беше само во 1997 година, кога на Британците им делуваше премногу студено. Само по многу двоумење, Елизабета тагуваше јавно поради загубата на нејзината поранешна снаа, принцезата Дијана. По несреќата во автомобилскиот тунел во Париз, кралицата излезе пред телевизиските камери дури по критиките од јавноста: „Сите се обидовме на свој начин да се справиме со тоа. Не е лесно да се изрази загубата, бидејќи по почетниот шок е присутна мешавина од многу емоции: неверување, лутина и грижа за оние што остануваат“. Таа зборуваше како кралица и баба, во црн костим со бисерен ѓердан. Народот се помири./slobodnaevropa/