Две од последните три германски нуклеарни централи ќе бидат ставени во состојба на подготвеност до средината на април 2023 година, наместо да бидат затворени до крајот на годината, како што беше претходно планирано, изјави денеска германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Двете електрани – Исар II во Баварија и Некарвестхајм во југозападната покраина Баден-Виртемберг – ќе бидат ставени во резерва во случај да бидат потребни за стабилизирање на електричната мрежа во јужна Германија оваа зима, појасни министерот, јави ДПА.

Трите нуклеарки беа подготвени за трајно затворање до крајот на оваа година во серија политики наречени „Energiewende“ или „Енергетска транзиција“, кои датираат од претходникот на германскиот канцелар Олаф Шолц, Ангела Меркел.

Но, се поголем број политичари аргументираат за продолжување на нивниот работен век, велејќи дека тоа ќе обезбеди алтернатива во случај на недостиг од снабдување со природен гас оваа зима.