Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар, изјави дека целта на неговата посета на Косово и Србија оваа недела е да ги поддржи напорите на Европската унија, за изнаоѓање решение меѓу Косово и Србија, за автомобилските таблички и српските документи. На прес-конференцијата во американската амбасада во Белград, Ескобар рече дека сака двете страни да се обврзат дека нема да има насилство.

„Дијалогот не е клинички мртов. Јас не сум дел од дијалогот, САД не се дел од дијалогот, но ние го поддржуваме дијалогот со посредство на Европската унија. Се надевам дека до крајот на месецот ќе најдеме начин да продолжиме. Во исто време, дијалогот ќе продолжи. Сите договори ќе треба да се спроведат, вклучително и формирањето на Асоцијацијата“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека меѓународниот фактор ќе продолжи да бара од двете страни да гарантираат мир и стабилност.

„Агендата за дијалог беше креирана од претставникот на ЕУ. Најважното прашање е посветеноста на лидерите и тоа го добивме од нив, нашата улога е тие да ги спроведат овие обврски за да се постигне договор“, додаде Ескобар.

Ескобар рече дека се надева оти на 1 септември животот на жителите на северот на Косово нема да биде оптоварен и тие ќе живеат во мир.

.„Се надевам дека нема да им требаат дополнителни административни процедури за да одат во своите домови. Верувам дека ќе успееме да го постигнеме ова“, рече Ескобар.

Што се однесува до разговорите, Ескобар рече дека биле тешки, но видел „подготвеност за изнаоѓање решенија, подготвеност да се изгради доверба во текот на целиот процес“. Ескобар и пратеникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, оваа недела ги посетија Косово и Србија, со цел да се избегнат тензиите меѓу двете земји. Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Вучиќ се сретнаа на 18 август во Брисел, но од средбата немаше конкретни резултати. Средбата се одржа по тензиите северот на Косово на 31 јули, бидејќи локалните Срби поставија барикади во знак на незадоволство од Владата на Косово, да ги спроведе одлуките за српските регистарски таблички и документите.

Алсат