Најмалку 22 лица загинаа, а 50 се повредени во руски ракетен напад на железничка станица во централна Украина. Првите информации беа за 15 загинати, но подоцна украинското Министерство за одбрана соопшти дека бројот на загинатите се искачил на 22.
„Само што добив информација за напад на руска ракета на железничка станица кај Дњепропетровск, и тоа на вагони во станицата Чаплино. Се запалија четири патнички вагони“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН.
Според него, „најмалку 15 луѓе ги загубиле животите, а околу педесетина се ранети“. „Спасувачите излегоа на терен, но бројот на жртвите за жал може да се зголеми. Ова е нашето секојдневие“, додаде Зеленски.
Нападот се случи додека Украина го славеше Денот на независноста, со што се одбележува прекинот на врските со СССР во 1991 година. Земјата вчера влезе во седмиот месец од војната со Русија, која почна на 24 февруари.