Смртоносните епидемии, како онаа предизвикана од вирусот Ебола „Бундибугјо“ (Bu dibugyo) што моментално се шири во Африка, покажуваат колку е итно да се финализира меѓународниот договор за пандемии, предупреди денеска шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, за време на преговорите во Женева.

Богатите земји и земјите во развој сè уште не можат да се договорат како во пракса ќе се спроведе договорот, кој беше усвоен минатата година со цел светот подобро да се подготви за идни пандемии, слични на онаа со коронавирусот. Кога земјите го усвоија договорот во мај 2025 година, тие изоставија едно од најсложените прашања – имено, како ќе функционира неговиот клучен механизам.

Станува збор за системот PABS, кој ја регулира размената на примероци и податоци за опасни патогени, како и правичната дистрибуција на производите развиени врз основа на нив, како што се вакцини, тестови и лекови.

Тедрос ги наведе неодамнешните епидемии на Ебола и хантавирус како пример за опасноста и нагласи дека финализирањето на договорот е од суштинско значење за заштита на луѓето.

„Заканата од опасен причинител на болест, каде и да се појави во светот, може да прерасне во закана за луѓето во која било земја“, рече тој.

„Појавата на хантавирус претходно оваа година, како и тековната епидемија на Ебола во Демократска Република Конго, нè потсетуваат на таа опасност“, додаде тој.

Тедрос, исто така, потсети на проблемите што се појавија за време на пандемијата на коронавирусот, кога вакцините не беа подеднакво достапни за сите земји.

„Светот разви вакцини во рекордно време, но премногу земји мораа да чекаат, додека други обезбедија многу повеќе отколку што им беше потребно“, рече тој.

Ханс Клуге, регионалниот директор на СЗО за Европа, кој моментално е на посебно отсуство бидејќи се кандидира за генерален директор на организацијата, исто така предупреди на потребата од поправедна дистрибуција на вакцини и лекови.

„Навремениот пристап до вакцини и достапни лекови беше заеднички проблем што го истакнаа земјите-членки за време на моите средби во сите шест региони на СЗО“, рече Клуге.

Тој додаде дека токму затоа е потребен систем што ќе им овозможи на земјите брзо да разменуваат примероци и податоци за опасни предизвикувачи на болести, а истовремено ќе обезбеди правична дистрибуција на вакцини, тестови и лекови развиени врз основа на нив.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“ (X), тој, исто така, предупреди дека светот не смее да дозволи повторување на нееднаквостите што ја одбележаа пандемијата на коронавирусот.