Делчевските првачиња кои се запишани во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/2023 ќе добијат по 3.000 денари еднократна поддршка од Општината. Средствата се предвидени во општинскиот Буџет и се во рамките на мерката од Програмата за социјална заштита за поддршка на родителите, подготовка на учениците школување, но и мотивација на родителите да ги запишуваат своите деца во делчевските училишта.
-Постапката за доделување парична помош за прваче се поведува со поднесување писмено барање до Архивата на Општина Делчево, како и потпишана изјава за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на парична помош, документи кои можат да се симнат од веб-страницата на Општина Делчево, (delcevo.gov.mk). Исто така, потребна е и важечка лична карта на еден од родителите, Извод од матичната книга на родените за детето, Потврда за запишан ученик во прво одделение заверена од основното училиште, трансакциска сметка на барателот, истакнаа од Општината.
Барањето за остварување на правото на парична помош за прваче, како што додадоа, се поднесува во рок од три месеци од почетокот на школската година.
Во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/2023 година се запишани 107 првачиња. Во деветолетката „Ванчо Прке“ се запишани 45 првачиња, од кои 44 во централното училиште во Делчево и едно прваче во Подрачното училиште во село Ѕвегор.
Во ООУ „Св. Климент Охридски“ се запишани вкупно 62 првачиња, од кои 55 се во централното училиште во Делчево, едно прваче во село Разловци, три во Тработивиште, две во селото Град, едно во село Стамер.























