Денеска земјите од стариот континент го слават Европскиот ден во спомен на жртвите на сталинизмот и нацизмот, познат и како Ден на црната лента, пишува бугарски Фактор. Денот се одбележува секоја година од институциите на Европската Унија од 2009 година.

23 август е прогласен за „паневропски ден  за почитување на споменот на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими со одлука на Европскиот парламент.

На овој датум во 1939 година, Германија и Советскиот Сојуз потпишаа пакт за ненапаѓање познат како пакт Молотов-Рибентроп. Кон договорот бил усвоен и таен протокол во кој биле наведени т.н „сфери на влијание“ и зони на окупација. Во пракса, пактот меѓу Хитлер и Сталин ја најави Втората светска војна и Студената војна што следеше.

За прв пат, предлогот да се прослави 23 август како Ден на жртвите на сталинизмот и нацизмот беше даден во јуни 2008 година на конференцијата „Европската совест и комунизмот“ во Прага. На форумот е усвоена таканаречената Прашка декларација.