Во текот на денот се очекува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков да се пријави во струшкиот затвор за излежување на тригодишната казна затвор за случајот „Империја“. Тој требаше да биде во затвор на осми овој месец, но побара двонеделно одложување на издржувањето на казната поради здравствени причини, а Судот во Охрид неговото барање го одобри.
Според информациите на Алсат, овојпат Мијалков не побарал ново одложување на казната. Пресудата на поранешниот прв човек на тајната полиција му беше изречена на 8 јули. Тој призна вина за „злосторничко здружување“ и „противправно стекнување имот“ во делото „Империја“, за што доби три години затвор, но и конфискација на пари и имот, во вкупна вредност од околу 36 милиони евра.
Пред да биде изречена пресудата, Мијалков ја промени адресата на живеење во Охрид, па така казната ќе ја одлежува во струшкиот затвор, кој е од полуотворен тип. Покрај Мијалков, во затворот во Струга се наоѓа и бизнисменот Орце Камчев, осуден за истиот случај.






















