Првиот човек на Управата за Финансиска полиција, Арафат Муареми се повлекува од функцијата, соопштуваат од институцијата.
Повлекувањето од функцијата следи откако јавниот обвинител Љубомир Јовески поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки од Обвинителството за гонење организиран криминал и да ја суспендира Вилма Русковска по пријавата од Муареми за незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, при претресот во Управата минатиот месец.
„По своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението од Финансиска полиција.
Во него се наведува дека денешната одлука на Јавниот обвинител дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.