Триесет и девет проценти од испитаниците опфатени во анкета на Агенцијата за електронски комуникации рекле дека малолетните лица во нивното домаќинство во просек поминуваат и повеќе од пет часа приклучени на интернет. Приближно половина од испитаниците или 46,3 проценти знаат дека постои програма за родителска контрола. Од нив само 10,2 проценти имаат веќе инсталирано таков софтвер. Во последните четири години, се наведува во наодите, се забележува тренд на раст во бројот на домаќинства каде интернет пристапот го користат и малолетни лица. Во 2022 година, дури 43,2 проценти од испитаниците одговориле дека малолетни лица користат интернет во нивното домаќинство, а кај дури 85,6 проценти од нив малолетните лица користат интернет секој ден.