Туризмот во Струга е оставен во агонија, неорганизиран, без визија, правилник за регулирање на услугите, со неквалификувани работници и без стандардизација, обвини денеска на прес-конференција Алијанса на Aлбанците (AA).

[adrotate banner="21"]

Претседателот струшкиот огранок Лулзим Насуфи, на секторот за туризам, при Општина Струга му понуди бесплатно стратегија од 10 точки за, како што рече, ред во сверата на туризмот и создавање подобри услови за современ начин на водење бизнис и на придобивки од туризмот.

– Можеме да констатираме дека туризмот во Струга, иако во развиениот свет се зема како гранка на индустријата за развој и вработување и влијае на БДП на една земја, е оставен во агонија, на милост и на самоорганизирање на бизнисмените од овој сектор, значи неорганизиран, без визија, без правилник за регулирање на услугите, со неквалификувани работници и без стандардизација на стандардните односи, рече Насуфи.

Забележа дека не постои план за менаџирање и уредување на бреговите на Охридското Езеро и реката Црн Дрим и оти се узурпирани.

[adrotate banner="23"]

– За жал претворени се во територии каде важи принципот „ФШФ- Фати што ќе фатиш“, бидејќи компетентните органи на општината ја префрлаат одговорноста на централно ниво, а тие пак ја префрлаат назад на општинско ниво. Не постои план за менаџирање и уредување на езерскиот брег, плажите и корисните површини за граѓаните и туристите, со што се создава благопријатна клима за узурпација на просторот околу брегот, забележа Насуфи.

Според него, недостига информативен и пропаганден материјал за промоција на природните, културните, историските и националните богатства, но и оти промоцијата на саемите е нецелосна. Во однос на хигиената, рече дела се чисти само централното градско подрачје, но не и дивите депонии на влезот од градот и периферијата, дека не се почитува правилникот за градење во летната сезона, како и на недостиг од туристички, традиционални, културни, младински, спортски атракции во градот.

Како еден од проблемите со кои се соочува туристичка Струга ги посочи и кучињата скитници, питачењето, паркингот, јавното осветлување…