Бугарија и Германија отсекогаш гледале во насока на Западен Балкан и нивниот пат кон Европската унија, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков на прес конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц.

-Се разговараше за прашањето за Северна Македонија и се договоривме двете влади да продолжат да работат во оваа насока. Бугарската влада јасно го кажа ставот на Бугарија за условите што мора да се случат за да се оди напред, изјави Кирил Петков.

Ставот на Бугарија во оваа фаза е дека ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија може да биде укинато само доколку Скопје даде гаранции дека ќе го спроведе Договорот за добрососедство и ќе ги вклучи Бугарите како една од државотворните нации во својот устав.

„Бугарија има клучни услови во однос на Северна Македонија за да можеме да направиме чекор напред. Пред се, мораме да ги видиме сите можности низ европскиот процес да обезбедиме вклучување на Бугарите во уставот на Република Северна Македонија, за да можеме да ги заштитиме правата на Бугарите таму. Во исто време имаме рамковен став и Договор за добрососедство“, потсети на брифингот премиерот, Кирил Петков.