Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски се виновни за злоупотреба на службената положба и овластување во случајот „Талир 2“, смета Основниот кривичен суд Скопје.

Судијката Даниела Алексовска Стојановска, која го води овој предмет, го осуди Груевски на казна затвор во траење од 6 години, а Божиновски доби условна пресуда. Договорите склучени за изградба на овој објект целосно се поништуваат, а седиштето и имотната корист се конфискуваат.

Судијката посочи дека доказите му покажале на Судот дека двајцата обвинети сториле злоупотреба на службената положба. Судијката истакна дека Груевски и Божиновски само привидно создавале слика дека регуларно се гради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а доказите укажуваат дека тоа било сторено со договори спротивни на законот и додаде дека само опремата во фитнес-центарот на седиштето чинела 65 илјади евра.

Таа ја упати јавноста да процени сама дали еден објект од 7 милиони евра може да се подведе дека е од јавен интерес или со сите вонстандардни димензии и луксузна опременост е многу повеќе од тоа.

Двајцата овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе. Пресудата за овој предмет не е правосилна и странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по приемот на пресудата во писмена форма.