Русија во моментов окупира околу 20 отсто од територијата на Украина, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното видео-обраќање пред парламентот на Луксембург.

„Мораме да се браниме од речиси целата руска армија. Сите борбено подготвени руски воени формации се вклучени во оваа агресија“, рече Зеленски, а пренесе Ројтерс.

Според него, борбените линии се протегаат на повеќе од 1 000 километри.

Ден претходно, на 1 јуни, Зеленски рече дека состојбата на истокот од земјата е многу тешка и дека дневно губат и по 100 војници.

Загубите доаѓаат во момент кога украинските војници се обидуваат да ја блокираат силната руска концентрација на сили кои сакаат да преземат целосна контрола над најисточниот регион Луганск.

Инаку, украинската влада минатата недела процени дека Русија изгубила повеќе од 30.000 војници од почетокот на инвазијата на 24 февруари.