Од петокот странските возачи во Унгарија ќе мора да плаќаат многу повисока цена за бензините отколку унгарските државјани, а според унгарските медиуми станува збор за разлика од околу 40 отсто.
Уредбата денеска е објавена во унгарскиот службен весник Народниот весник кусо по полноќ кон петокот.
Според уредбата, автомобилите со странски регистерски ознаки повеќе нема да можат да точат гориво по официјално одредената цена од 480 форинти, или 1,22 евра за 95-октански бензин и дизел, туку странците ќе мора да го купуваат горивото по пазарна цена. Според медиуми, пазарната цена е 40 отсто повисока од официјалната цена.
Владата на унгарскиот конзервативен премиер Виктор Орбан со уредба ја одреди цената на горивата уште ланскиот ноември. Таа ќе важи до 1-ви јули, а целта е со неа да се осигури возачите да не го почувствуваат глобалниот раст на цените на енергенсите.
Досега странските автомобили можеа да точат гориво во Унгарија по фиксна цена. Меѓутоа, владините претставници во четвртокот ненадејно објавија дека за странците од петок натаму ќе важи пазарната цена. Тоа се образложува со големиот број возила од соседните земји кои на унгарските бензински црпки точат поевтини горива.
Во четвртокот вечера, според медиумските извештаи, забележани се редици на бензинските црпки во близина на унгарската граница со Австрија и со Словачка, бидејќи граѓаните од овие земји настојувале да ја искористат последната шанса да купат поевтино гориво.
Поради различниот третман на државјаните на другите земји во Европската унија на бензинските црпки, во Брисел веќе го поставија прашањето дали Будимпешта не го крши правилото за забрана на дискриминацијата на граѓаните во ЕУ. Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Антал Роган, во телевизиска изјава во четвртокот вечерта призна дека и можело да има расправа со ЕУ за новата регулатива./Netpress