Повеќе од 260 украински војници вчера беа евакуирани од Азовстал, челичарницата во југоисточниот украински пристанишен град Мариупол, кој со недели е под опсада. Украинското Министерство за одбрана најави евакуација откако еден од командантите на баталјонот Азов, украинската воена единица која е заробена во челичарницата, сигнализираше можен крај на опсадата. Украинската заменик-министер за одбрана Хана Маљар рече дека 53 „тешко ранети“ војници биле пренесени во болница во Новоазовск, додека други 211 биле евакуирани преку хуманитарен коридор до друга локација.
Баталјонот Азов претходно на социјалните мрежи објави дека за да спаси животи „целиот гарнизон во Мариупол ја спроведува одобрената одлука на Врховната воена команда и се надева на поддршка од украинскиот народ“. Руското Министерство за одбрана претходно објави договор со цел ранетите да ја напуштат челичарницата на лекување во градот што го држат сепаратистите поддржани од Москва. Нема информации дали ранетите ќе се сметаат за воени заробеници.