„Повторно, сведоци сме на говор на омраза во РС Македонија против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, јавни личности и претставници на академската заедница“. Ова се наведува во ставот на МНР на Бугарија по повод масовната антибугарска кампања во последните неколку дена од македонските медиуми и политичари, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Министерството за надворешни работи е изненадено од силниот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања спроведена во медиумите во нашата соседна земја последните денови во врска со отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 16.04.2022 год.

„Особено загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ неоправдано да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добрососедство и ја формиравме мешовитата комисија за историски прашања. Очигледно е дека треба да направи вистински напредок за чувствителните теми од нашата заедничка историја“, потенцираат од МНР- Бугарија.

Оттаму потсетуваат дека културниот центар „Иван Михајлов“ е регистриран според барањата на локалната законска регулатива и работи од 2019 година, без досега неговото име да биде предмет на видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во РСМ.

Овие факти доведуваат до уверување дека кампањата започната во последните неколку дена всушност не е поврзана со името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно вклучена во проблемите на Бугарите во северна Македонија и остварувањето на нивните права.

Од МНР на Бугарија нагласуваат дека бугарската држава ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Северна Македонија.

„Од одговорните фактори во нашата соседна земја очекуваме конструктивен придонес во тековниот процес за враќање на довербата и градење поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој кој сака да развие пријателски односи со Бугарија.

Во последните месеци бугарската држава направи значителни напори за промовирање на позитивна клима во билатералните односи, вклучително преку иницирање на формати за засилен развој на секторската соработка. Во отворен дух, Бугарија ќе продолжи целонасочно да работи на градење вистински добрососедски односи, но и смета на тоа и од своите партнери во Северна Македонија“, се вели во ставот на бугарското МНР, испратен до БГНЕС.