Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка, каде што се регистрирани минус шест степени, додека во Маврови Анови температурата се спуштила до минус пет степени. Минус три степени се измерени во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе, а минус два во Берово, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Минус еден степен е измерен во Тетово и Куманово, додека нула степени се регистрирани во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, Битола, Прилеп, Велес, Виница, Кавадарци и Демир Капија. Во Штип се измерени еден степен, во Струмица два, а најтопло утрово било во Гевгелија, со три степени.

Во изминатите 24 часа, до седум часот утрово, најмногу дожд и снег се регистрирани во Пожаране, каде што наврнале 42 литри на квадратен метар. Во Демир Капија се измерени 35 литри, а во Струмица и Маврови Анови по 34 литри на квадратен метар.

Во Попова Шапка наврнале 33 литри на квадратен метар, во Претор 31, во Битола 30, во Берово 27, во Крушево 25, а во Гевгелија 24 литри. Во Охрид се измерени 22 литри, во Велес 16, во Крива Паланка 15, во Виница 14, во Тетово 13, во Скопје-Петровец и Прилеп по 11, а во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Тополчани по 10 литри на квадратен метар. Во Лазарополе се измерени девет, а во Кавадарци два литра на квадратен метар.

Највисока снежна покривка во седум часот е измерена во Маврови Анови, каде што има 28 сантиметри снег, додека во Крушево се измерени 27 сантиметри. На Попова Шапка снежната покривка е 18 сантиметри, во Лазарополе 15, во Тетово 10, во Куманово девет, а во Тополчани осум сантиметри. Во Берово и Битола има пет сантиметри снег, во Крива Паланка четири, а во Скопје-Петровец е измерен еден сантиметар.

Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места, особено долж Повардарието, од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен северен ветер, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува. Максималната температура ќе се движи од минус еден до пет степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, кои се очекува да престанат попладне. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до два степена.