Аце Велковски упати јавен повик до полнолетните граѓани на Македонија кои имаат знаење, искуство, идеи и амбиција да придонесат за развојот на државата, повикувајќи ги да се вклучат во создавањето визија за европска Македонија со силна економија и подобар животен стандард.
Целосната објава на Аце Велковски:
🇲🇰
Им се обраќам на сите полнолетни граѓани на Македонија – на младите, на средната генерација и на повозрасните.
На сите кои имаат идеи, знаење, искуство, визија и желба да придонесат за развојот на нашата држава.
На сите кои се гледаат себеси во иднина како раководители, директори, пратеници, министри, премиери, но и како успешни бизнисмени, инвеститори, претприемачи, сопственици на компании, работодавачи, научници, експерти и професионалци од различни области.
На сите кои сакаат да создаваат нови бизниси, отвораат работни места, привлекуваат инвестиции, развиваат технологии и придонесуваат за посилна економија.
Не е важно дали досега сте биле дел од политиката, бизнисот или јавниот живот. Важно е што знаете, што можете и што сте подготвени да направите за Македонија.
Сакам да ги собереме луѓето со различни способности и искуства, да ги слушнеме нивните идеи и заеднички да создадеме визија за европска Македонија со силна економија, високи плати, достоинствен живот, квалитетно образование, модерно здравство и институции на кои граѓаните ќе им веруваат.
Барам луѓе кои имаат желба и храброст да преземат одговорност, да создаваат и да преземат иницијатива.
Ако се препознавате во оваа идеја, ако имате амбиција, знаење, визија и сакате да бидете дел од нешто поголемо, контактирајте ме лично.
Да ги поврземе знаењето, амбицијата, капиталот и искуството за една подобра иднина на Македонија 🇲🇰






















