Со концерт на младиот гитарист Коста Давчевски во галеријата „Павиљон во Тврдината“ завршија деновите на претставување на талентирани млади музички уметници во Ниш, во организација на Македонскиот КИЦ во Белград. Во исполнетиот до последно место галериски простор, нишката публика со долги аплаузи и повикувања за бис, го поздрави првиот самостоен концерт на Коста Давчевски, најнаградуваниот млад гитарист во Р. Србија, по таткова линија, по потекло од Македонија.

Коста се претстави со познати стандарди за гитара од светската музичка литература, со две композиции за гитара од српски композитори, како и со обработка на една од најпознатите традиционални македонски песни „Јовано, Јованке“.

Македонскиот КИЦ во Белград, на нишката публика, во големата сала на Факултетот за уметности во Ниш, им претстави уште двајца исклучително талентирани млади музички уметници, Вероника Мона Богиќ на виолина и Никола Лекиќ на пијано. На програмата насловена како „Извори“, по истоимената композиција од Никола Лекиќ специјално напишана за „Деновите на македонската култура“, во мај годинава, се најдоа уште двајца македонски композитори, Томислав Зографски и Давор Јордановски. Нишката публика со долги аплаузи ги награди младите музички уметници, кои исто така имаат македонско потекло, по мајчина линија.

Македонскиот КИЦ во Белград, за време на ова музичко претставување во Ниш, воспостави поблиски контакти, со план за соработка во иднина, со уште неколку млади музички уметници од нашата држава, кои во моментов успешно студираат во Ниш.

Со концертите во Ниш, поддржани од Министерството за култура и туризам. КИЦ Белград го реализира четвриот културен настан годинава, надвор од Белград-претходно беше реализирана фотографска изложба на Александра Костадиновска и концерт на триото „Нова“, во Нови Сад. Македонската заедница и во Ниш и во Нови Сад, но воопшто културната јавност во овие два големи српски градови, со исклучителен интерес и посетеност ги проследи овие културни настани во организација на КИЦ Белград. Овие проекти беа иницирани и организирани од директорот на Македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.