Сите шест лица кои се наоѓале во малиот авион што се урнал во Мексиканскиот Залив, недалеку од брегот на американската сојузна држава Мисисипи, загинале. Меѓу нив имало и две момчиња, на возраст од осум и десет години. Нуркачи ги извлекле нивните тела од остатоците на леталото, соопшти Крајбрежната стража на САД, објави Њујорк пост.
Авионот од типот „Цесна 210“ (Cess a 210), кој има еден мотор, се урнал во вторникот попладне, помеѓу градот Паскагула и островот Хорн. Во леталото имало четворица возрасни и две деца. Авионот летал од Њу Орлеанс кон Форт Мајерс, Флорида.
Контролата на летање изгубила контакт со авионот околу 15:45 часот по локално време. Според податоците на Крајбрежната стража, пред губењето на контактот, авионот губел височина со брзина од околу 10.000 стапки (приближно 3.000 метри) во минута.
Причината за несреќата ја истражуваат Федералната управа за авијација на САД (FAA) и Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB).

















