Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес, учествуваше на 14. состанок на началниците на Генералштабовите на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната – DECI (Defe ce Coope atio I itiative), кој се одржа во Тирана, Република Албанија. На состанокот, покрај началниците на Генералштабовите на земјите учеснички, присуствуваа и високи воени претставници на НАТО и Европската Унија, меѓу кои заменик-командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, командантот на мултинационалните копнени сили, командантот на КФОР и командантот на ЕУФОР.

Состанокот беше посветен на актуелните безбедносни предизвици, продлабочувањето на регионалната одбранбена соработка, унапредувањето на интероперабилноста и зајакнувањето на заедничките одбранбени капацитети.

Во воведното обраќање, генералот Лафчиски ја истакна важноста на зајакнувањето на одбранбената соработка, интероперабилноста и регионалната безбедност, нагласувајќи дека иницијативата DECI и италијанскиот концепт ITA-FNC создаваат значајни можности за продлабочување на партнерството, развој на одбранбените способности, обуката и оперативната подготвеност во рамки на НАТО и Европската Унија, во интерес на стабилноста и безбедноста на регионот. Во продолжение на состанокот, генералот Лафчиски се обрати на панел-дискусиите посветени на регионалната безбедност и стабилност, воената соработка, како и улогата и вклученоста на DECI во меѓународните организации. Преку своите излагања, тој ги сподели согледувањата за значењето на регионалното партнерство, заедничкиот пристап кон безбедносните предизвици и унапредувањето на одбранбената соработка. Притоа, ја нагласи важноста на координираните активности, меѓусебната доверба и заедничкиот придонес на земјите учеснички кон регионалната стабилност и колективната безбедност. На состанокот беа разгледани и насоките за понатамошно унапредување на соработката и реализација на идните активности во рамки на иницијативата DECI, со цел продлабочување на партнерството и заеднички придонес во справувањето со современите безбедносни предизвици.

Учеството на началникот на Генералштабот на Армијата на овој состанок ја потврдува активната улога на Армијата во регионалните иницијативи и посветеноста на нашата држава кон развојот на партнерските односи, зајакнувањето на одбранбените способности и колективната безбедност.

Иницијативата DECI, на која се приклучивме во 2023 година, е формирана во 2012 година под покровителство на Италија, претставува регионален механизам за одбранбена соработка меѓу земјите од Јадранскиот и Балканскиот регион, насочен кон развој на партнерството, размена на искуства и унапредување на заедничките одбранбени капацитети.