Британскиот принц Вилијам и неговата сопруга Кејт, денеска, на крајот од тридневната посета на Индија, се сретнаа со индискиот премиер Нарендра Моди, со кого разговараа за трговијата и за зајакнувањето на билатералните односи.
Британскиот престолонаследник и принцезата од Велс пристигнаа во Њу Делхи откако Вилијам претходно истиот ден го посети филмското студио на Боливуд во Мумбај, а Кејт посети породилно одделение, каде што разговараше со здравствени работници.
За време на средбата со Моди, тие разговараа за важноста на британско-индиските односи, а индискиот премиер ја пофали работата на иницијативата „Ea thshot P ize“ (Награда „Ea thshot“) на Вилијам, чие доделување на годишните награди се одржа во Мумбај во вторникот.
„Со нетрпение очекувам понатамошно зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Индија и Обединетото Кралство, како и продолжување на заедничката работа врз основа на неодамна спроведениот Сеопфатен договор за економија и трговија, за добробит на граѓаните на нашите земји и на пошироката меѓународна заедница“, напиша Моди на социјалната мрежа X.
Портпарол на Кенсингтонската палата изјави дека разговорите биле фокусирани на „длабоките и трајни врски меѓу двете земји“ и на идните можности за соработка.
Пред средбата со индискиот премиер, Вилијам го посети седиштето на познатата боливудска продукциска куќа „Дарма Продакшнс“ (Dha ma P oductio s), во предградието на Мумбај. Таму, насмеан и плескајќи со рацете, тој проследи танцова изведба од популарниот филм „Kabhi Khushi Kabhie Gham“ („Понекогаш среќа, понекогаш тага“), чие дејство делумно се одвива во Лондон.
На посетата присуствуваа и истакнатите индиски актери Саиф Али Кан и Карина Капур.
„Тој беше исклучително срдечен и љубезен, и опширно зборуваше за потенцијалот на индиската кинематографија и за глобалната популарност на филмовите на различни индиски јазици“, изјави режисерот Каран Џохар, кој раководи со „Дарма Продакшнс“, по завршувањето на посетата.
За време на нивниот тридневен престој во Мумбај, град со околу 13 милиони жители, кралската двојка учествуваше во низа настани.
Меѓу другото, тие играа крикет со пензионираниот индиски играч Сачин Тендулкар, посетија училиште за традиционални занаети и присуствуваа на церемонијата за доделување на наградата „Ea thshot“ – иницијатива што Вилијам ја основаше пред шест години со цел да поттикне иновативни решенија за заштита на животната средина.
Во својот говор на церемонијата, Вилијам предупреди дека последиците од глобалното затоплување стануваат сè поочигледни, што се потврдува преку сè почестите топлотни бранови и разорните поплави, нагласувајќи дека ова е критичен момент за планетата.
Посетата на Индија, исто така, претставува најзначајното патување во странство на принцезата Кејт откако таа се подложи на лекување од рак во 2024 година.
фото/ЕПА


















