На 16 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Чифте амам, објект на Националната галерија во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба „The A t of Dista ce“ („Уметноста на оддалеченоста“) на академската сликарка Дита Старова Ќерими.

Изложбата претставува нов циклус од 20 сликарски дела, во кои авторката го истражува односот меѓу човечката блискост и оддалеченоста, присуството и отсуството, сеќавањето и трајноста на емоционалните врски. Во основата на концептот е размислувањето дека физичката оддалеченост не мора да значи и раздвојување, туку може да открие поинакви облици на човечка поврзаност.

Преку експресивен колорит, динамични композиции, монументални цветни форми и суптилно присутни човечки фигури, Старова Ќерими развива препознатлив ликовен јазик во кој природата и човекот воспоставуваат сложен визуелен и емотивен дијалог.

Цветните форми во овие дела ја надминуваат својата декоративна и природна препознатливост, станувајќи симболи на животната сила, преобразбата, кревкоста и обновувањето. Човечката фигура, неретко сведена на едвај забележлива силуета, се појавува како тивко присуство во просторот на интензивната боја и експресивниот сликарски гест.

Во својот авторски текст за изложбата, Старова Ќерими истакнува:

„Моето сликарство се развива од потребата да го истражувам тој простор меѓу присуството и отсуството, блискоста и оддалеченоста, човекот и природата.“

Оваа мисла ја определува концептуалната основа на изложбата, во која личното искуство се преобразува во универзален визуелен јазик, а сликата станува простор за размислување за човечките односи, минливоста и она што останува присутно во нас.

Кураторот на изложбата, Горанчо Ѓорѓиевски, во својот текст „Самомечтаење“ ги определува делата како „интимно-имагинарен дневник“, нагласувајќи ја нивната изразена емоционална и духовна димензија. Особено внимание посветува на колоритот како носител на сликарскиот израз, истакнувајќи дека „Бојата е заробена енергија“.

Според неговото толкување, сликарството на Старова Ќерими ги надминува строгите граници меѓу апстрактното и фигуративното, претставувајќи визуелен израз на внатрешните состојби, творечката енергија и човековата потрага по сопствената суштина. Цветните мотиви, човечките силуети и динамичните колористички односи создаваат композиции што повикуваат на лично доживување и интерпретација.

Изложбата има и посебна професионална димензија за авторката. Старова Ќерими во 2012 година се претстави со самостојна изложба во Чифте амам, а во периодот од 2015 до 2024 година ја предводеше Националната галерија. Нејзиното повторно претставување во овој простор означува средба меѓу институционалното искуство и континуитетот на сопственото уметничко создавање.

Дита Старова Ќерими е академска сликарка, доктор на науки и универзитетска професорка на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Нејзиниот повеќедецениски професионален ангажман ги обединува авторското творештво, академското образование, научното истражување и институционалниот развој на културата.

Од првите изложбени претставувања во 2001 година до денес, нејзиното творештво е претставувано во земјата и во странство, вклучително и во Париз, Њујорк, Цирих, Истанбул и други културни средини. Нејзини дела се застапени во музејски и приватни колекции, а за својот уметнички и професионален придонес е добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија.

Со „The A t of Dista ce“, Старова Ќерими отвора простор за размислување за невидливите врски што го обликуваат човековото постоење, но и за животната сила, надежта и можноста за постојано обновување.

Како што самата авторка запишува:

„Верувам дека и во најтивките моменти на постоењето има простор за светлина, надеж и нови почетоци.“