На 10 ноември во Културно информативниот центар ќе се одржи хуманитарното поетско читање „Стихот како поддршка, стихот како сведок“, настан посветен на поезијата, солидарноста и потребата да се подаде рака таму каде што е најпотребно преку културата и уметноста.

На настанот ќе настапат девет скопски поетеси и поети: Филипа Сара Попова, Ана Тодоровска, Ангела Бошкоска, Софија Тодороска, Ивана Јовановска, Марија Велинова, Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска и Јулијана Величковска. Преку своите стихови, тие ќе ја споделат поезијата со публиката, но и ќе дадат свој придонес кон една конкретна хуманитарна иницијатива – помош за социјално загрозени семејства од Скопје.

Посетителите ќе имаат можност да разгледаат и да купат книги од авторите што ќе настапат, на штандовите на ПНВ Публикации и Култура Бета. Средствата од продажбата на книгите ќе бидат дополнителен придонес во хуманитарната акција.

Настанот е потсетување дека поезијата и книжевното творештво не секогаш треба да остане само во книгите. Туку, таа може да биде автентичен глас на времето во кое живееме и начин да се препознаеме едни со други, како и поттик за солидарност, хуманост и поддршка.

Затоа, сите љубители на поезијата и хуманитарци, но и сите што веруваат во моќта на заедништвото и солидарноста, повелете на една вечер во која стиховите ќе имаат и уметничка и хуманитарна вредност.

Затоа што стихот може да биде сведок на времето, но може да биде и поддршка за оние на кои таа им е најпотребна.

Платформа преку која ќе се подмират сметките на социјално загрозени семејства: https://ways2help.us/payBill (итни и приоритетни)