Рускиот претседател, Владимир Путин, го нарече Илон Маск гениј, признавајќи дека Русија дури сега почнува да развива сопствен одговор на неговиот сателитски интернет систем „Старлинк“ (Sta li k).
Изјавата на Путин е особено значајна со оглед на тоа што украинската војска интензивно го користи „Старлинк“, развиен од компанијата на Маск, „Спејс-икс“ (SpaceX), за време на војната со Русија, пренесува „Ројтерс“. Системот стана клучен за управување со операциите со беспилотни летала и за комуникација на бојното поле.
Путин ги даде овие коментари за Маск за време на презентацијата на рускиот министер за дигитален развој, Максут Шадајев, кој истакна дека Русија лансирала повеќе од 30 сателити додека работи на развој на сопствен систем, моделиран според „Старлинк“.
„Само момент, сакам да нагласам дека ова е само нашиот прв чекор. Илон Маск е гениј, вистински гениј“, нагласи Путин, кој се наоѓаше во Москва заедно со група африкански лидери кои присуствуваа на самит.
Одговарајќи на прашање од Путин, Шадајев изјави дека Маск има повеќе од 5.000 активни сателити во ниска орбита околу Земјата. Според податоците од независната веб-страница за следење сателити „Орбитал радар“ (O bital Rada ), реалната бројка е поблиску до 10.000.
„Повеќе од 5.000, а ние правиме само први чекори. Но, горди сме што го започнавме овој процес и што почнавме самостојно да го развиваме системот“, истакна Путин, додавајќи дека моменталната задача е „да се премине од квалитет кон квантитет“.
„Во близок контакт сме со нашите американски партнери, вклучително и со г. Маск, бидејќи во вселената е многу важно да не си пречиме едни на други и да одржуваме одредено ниво на дисциплина и ред“, додаде рускиот претседател.
„Старлинк“ се потпира на мрежа од сателити кои кружат на многу помала височина од традиционалните геостационарни комуникациски сателити, што го намалува времето потребно за пренос на сигналот.
Украина во голема мера се потпира на овој систем и неговата воена варијанта, „Старшилд“. Сепак, претходно овој месец, земјата изрази незадоволство поради ограничувањата на брзината, кои го попречуваа пресретнувањето на руските напаѓачки беспилотни летала и ја принудија украинската војска да откаже одредени операции.
Овие проблеми дополнително ги зголемија тензиите меѓу Киев и Вашингтон, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, најави договор за купување руски дизел, истовремено вршејќи притисок врз Украина да ги прекине нападите врз руските рафинерии за нафта. Трамп, исто така, изјави дека е време Украинците да изберат нов претседател.
За време на викендот, Украина објави дека „Старлинк“ и „Старшилд“ повторно функционираат со полн капацитет. Маск, сепак, ја обвини украинската војска за прекршување на условите за користење на услугите на SpaceX.
Руските претставници и во минатото зборуваа пофално за Маск. Во 2025 година, Кирил Дмитриев, руски претседателски пратеник за инвестиции, изјави дека Русија би сакала да соработува со него на мисија до Марс.
















