Ацо Велковски, координатор на СДСМ во Третата изборна единица, објави отворена порака до претседателот на партијата, Венко Филипче, до членството и симпатизерите, повикувајќи на одговорност, единство и консолидација на партијата по разочарувањата и изборните порази.
Велковски смета дека СДСМ мора отворено да се соочи со внатрепартиските проблеми, да ја врати довербата на членството и да понуди јасна визија за граѓаните.
„СДСМ не е ничија приватна сопственост. СДСМ е идеја, историја, вредност и дом на илјадници луѓе кои верувале дека оваа партија може да донесе подобра иднина за Македонија“, наведува Велковски.
Тој посочува дека на партијата ѝ се потребни храброст, визија, одговорност и лидерство што ќе ја врати довербата, нагласувајќи дека молчењето за внатрепартиските проблеми не може да биде решение.
Во својата порака, Велковски ја изразува подготвеноста да преземе одговорност за обединување и реорганизација на СДСМ, со цел создавање нова, силна и организирана социјалдемократска сила.
„Јас не сакам да бидам дел од распадот на СДСМ. Сакам да бидам дел од неговото повторно раѓање!“, порачува тој.
Велковски се залага за партија во која различните мислења ќе претставуваат сила, младите ќе имаат перспектива, а искусните членови ќе ја добијат заслужената почит. Истовремено, повикува на изградба на организирана опозиција со јасна програма и конкретни решенија за граѓаните.
На крајот од пораката, Велковски нагласува дека неговата подготвеност да преземе одговорност не е мотивирана од функција или титула, туку од верувањето дека СДСМ заслужува нова шанса.
„Време е за единство. Време е за одговорност. Време е за консолидација. Време е за нова енергија и нов почеток. Време е СДСМ повторно да стане сила!“, порачува Велковски.


















