Американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“ се врати во Сан Диего по речиси 11 месеци мисија, која вклучуваше учество во војната против Иран.
За време на 322-та дена поминати надвор од матичното пристаниште, екипажот се соочи со недостиг на храна и основни хигиенски средства, исцрпеност и проблеми со менталното здравје. Американската морнарица потврди осум обиди за самоубиство меѓу припадниците на ударната група на носачот.
Бродот вчера вплови во поморската база „Норт Ајленд“, каде што беше пречекан од стотици членови на семејствата. Меѓу првите што се симнаа од бродот беа морнарите кои станаа татковци за време на мисијата и првпат лично ги видоа своите деца. Според податоците на морнарицата, објавени од „Асошиејтед прес“, 122 члена на екипажот и на воздухопловната единица станале татковци за време на мисијата.
„УСС Абрахам Линколн“ тргна од Сан Диего на 21 ноември минатата година на рутинска мисија во регионот на Индо-Пацификот. Сепак, на почетокот на оваа година, бродот беше пренасочен кон Блискиот Исток, каде што им се придружи на американските сили ангажирани во конфликтот со Иран.
Носачот учествуваше во американските напади врз Иран, пресретнувањето на беспилотни летала и заштитата на поморскиот сообраќај. Неговата мисија беше продолжена двапати, а екипажот на крајот помина рекордни 265 дена непрекинато на море, без да вплови во ниту едно пристаниште.
На бродот имаше околу 5.000 морнари и маринци. Со месеци, нивните семејства не знаеја кога тие ќе се вратат дома.
Во текот на летото почнаа да се појавуваат извештаи за сè потешките услови на бродот. Членови на семејствата на екипажот за американскиот медиум „MS NOW“ зборуваа за недостиг на храна, сапун и паста за заби, за долги смени без соодветен одмор и за влошеното ментално здравје на морнарите.
Никол Конрад, чиј син служел на носачот на авиони, раскажа дека тој ѝ кажал оти имало моменти кога имал многу малку храна и не можел редовно да се тушира.
Проблемите со снабдувањето дополнително се влошиле поради иранскиот напад врз американската воена инфраструктура во Бахреин, која е од витално значење за логистичката поддршка на американските бродови во регионот.
Особена загриженост предизвикаа обидите за самоубиство. На 3 август, еден 19-годишен морнар скокнал од бродот во морето. Неговата сопруга изјави дека станувало збор за обид за самоубиство. Пред тоа, тој испратил порака во која наведува дека повеќе не знае дали ќе може да издржи до крајот на мисијата. По инцидентот, морнарот бил медицински евакуиран во Сан Диего.
Вршителот на должноста секретар на морнарицата, Хунг Цао, подоцна во писмо до Конгресот потврди дека за време на мисијата биле регистрирани осум обиди за самоубиство меѓу персоналот на ударната група на „USS Ab aham Li col “, која ги опфаќа самиот носач на авиони, како и придружните бродови и авијациските единици.
На почетокот на август, околу 400 членови на семејствата на морнарите присуствуваа на две средби со раководството на американската морнарица, барајќи објаснувања во врска со условите на бродот и датумот на враќање.
Според „MS NOW“, претставниците на морнарицата во тој момент не можеле да кажат кога екипажот ќе се врати дома. Тие им објасниле на семејствата дека иранските напади врз логистичката инфраструктура во Бахреин го отежнале повторното снабдување на носачот на авиони.
Во средината на август, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет ги отфрли тврдењата дека морнарицата не обезбедила соодветни услови, опишувајќи ги извештаите за проблемите на бродот како неточни.
На прашањето дали смета дека мисијата траела предолго и дали е загрижен за менталното здравје на екипажот, претседателот Доналд Трамп одговори дека таа не траела ни приближно доволно долго.
Одлуката за враќање беше објавена на 15 август, кога американскиот адмирал Бред Купер го посети носачот на авиони. На Блискиот Исток, тој беше заменет со „USS Geo ge Washi gto “.
Авионите од носачот извршиле 3.693 борбени летови, додека американските сили испалиле 450 крстосувачки ракети „Томахавк“ и собориле 77 напаѓачки беспилотни летала.
Екипажот беше одликуван со Претседателско признание (P eside tial U it Citatio ) за својата служба во борбени операции.
Враќањето во Сан Диего беше одбележано со повторни средби меѓу членовите на екипажот и нивните семејства по неколкумесечна разделба.
Кети Монтеросо допатува од Вирџинија со својата шестмесечна ќерка, за бебето првпат да го запознае својот татко. „Тоа беа навистина тешки десет месеци, особено за време на бременоста и по породувањето“, рече таа.
фото/ЕПА




















