Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека европски партнери ќе му се придружат на украинскиот преговарачки тим денеска и утре за време на посетата на САД.
Украинската делегација денес и утре ќе одржи средби со американски претставници, пренесува „Украинска правда“.
Украинските преговарачи во САД се среќаваат со Џаред Кушнер и Стив Виткоф, специјални пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп. Зеленски изјави дека украинскиот тим го сочинуваат: шефот на неговиот кабинет, Кирило Буданов; првиот заменик-шеф на кабинетот, Сергиј Кислица; лидерот на парламентарната група „Слуга на народот“, Давид Арахамија; и шефот на Службата за надворешно разузнавање, Рустем Умеров.
Претседателот додаде дека очекува европски тим да им се придружи и на украинската и на американската преговарачка група. Зеленски очекува преговарачкиот тим да се врати во Киев во понеделник наутро, на 12 октомври, кога ќе го информираат за деталите од средбите.
Според Зеленски, една од главните теми на разговорите се различните опции за секторски прекин на огнот. „Разговараме за сите нив – и за поморскиот и за енергетскиот сектор. Сè уште не сум подготвен да кажам што би можело да биде реално или пореално… Да речеме само дека не сакам да зборувам однапред за Русија, како и обично, од инает да не го направи токму спротивното“, изјави тој.
Покрај тоа, тој најави дека со американските претставници ќе разговара за противвоздушната одбрана, а со европските партнери за барањето на Украина за побрзо обезбедување финансиска помош.
Зеленски вчера ја најави посетата на делегацијата на САД. Еден ден претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во моментов е тешко да се постигнат дипломатски преговори за завршување на руско-украинската војна.





















