Полицијата го казни возачот кој вчера го попречуваше сообраќајот во Скопје.

Според информациите на МВР, денеска во полициска станица е повикано лицето Ш.А., сопственик на „форд“ со скопски регистарски ознаки, поради настан од вчера, кога со наведеното возило го попречувал нормалното одвивање на сообраќајот на крстосницата на ул. „Васил Војвода Чакаларов“ во Скопје.

Настанот беше објавен и на социјалните мрежи. На видеото се гледа како човек вее знаме среде улица, додека автомобилот му е паркиран на патот.

„Од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, преземени се соодветни мерки кон лицето“, велат од МВР.

Ова е втор ваков случај. Вчера МВР извести дека се преземени мерки и против возач на „голф“ кој на 5 октомври го попречувал движењето на други возила во централното градско подрачје во Скопје на крстосница од улиците „11-ти октомври“, „Даме Груев“ и „Филип Втори Македонски“.

„Во врска со видеото споделено во дел од социјалните медиуми на кое се гледа како едно патничко возило на 05.10.2026 го попречува движењето на други возила во централното градско подрачје во Скопје на крстосница од улиците ’11-ти октомври’, ‘Даме Груев’ и ‘Филип Втори Македонски’, денеска (07.10.2026) во СВР Скопје е повикан Н.В. сопственик на патничко возило ‘голф’ со скопски регистарски ознаки. Од страна на СВР Скопје кон Н.В. преземени се мерки по член 3 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.“, извести вчера МВР.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.