Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, упати остри критики кон САД поради, како што тврди, недоволниот притисок врз Русија да се согласи на мировни преговори. Тој изјави дека Вашингтон има можност да го принуди рускиот претседател Владимир Путин на преговори, но дека му недостасува неопходната политичка волја, пренесува „Ројтерс“.

Зеленски зборуваше за време на посетата на украинскиот град Прилуки, кој вчера беше цел на смртоносен руски напад. Неговите изјави уследија по оценката на американскиот државен секретар, Марко Рубио, дека војната во Украина стигнала до опасна ќорсокак ситуација.

Зеленски ја отфрли оценката на Рубио дека дипломатските напори стигнале до ќорсокак.

„Не можете од една страна да преговарате со Русите за идни економски проекти, а од друга страна да велите дека сме во некаков дипломатски ќорсокак“, рече Зеленски.

„Не сме во дипломатски ќорсокак. Уништете ја целата економија на Путин. Замолчете ја Русија. Престанете да ги храните со вашата продажба. Едноставно воведете санкции за нивното оружје“, рече украинскиот претседател.

Тој ги повика САД да ги засилат санкциите против Русија и да ѝ овозможат на Украина поширок пристап до сателитскиот систем „Старлинк“ (Starlink) за поефикасно да може да се спротивстави на руските ракетни закани.

„Дајте ѝ на Украина пристап до ‘Старлинк’. Тоа го направивте кога реагиравте кон Иран. Отворено реков: Дајте ни го тоа, помогнете ни да го заштитиме нашето небо и да постигнеме воздушна надмоќ. Тогаш Путин ќе дојде на преговарачката маса“, рече тој.

„Па, каде е вистината? Каде е праведноста? Каков ‘ќорсокак’? Тоа се вика недостаток на волја“, додаде Зеленски.

Украинскиот претседател смета дека европските земји сами не можат да го принудат Путин на преговори, но дека САД би можеле да одиграат одлучувачка улога.

„Европјаните не можат сами да го принудат да го направи тој чекор. Тие можат да ни помогнат и со тоа да го охрабрат да преговара, но Американците можат да направат повеќе. Верувам дека претседателот Трамп може да направи повеќе и, искрено, треба да го стори тоа, со оглед на огромните загуби“, рече Зеленски.

Тој ги повика САД и Европа заеднички да го зголемат притисокот врз Москва, тврдејќи дека Путин во моментов нема интерес за деескалација на конфликтот.

Критиките на Зеленски доаѓаат истиот ден кога „Ројтерс“ објави дека американски и руски претставници ја разгледуваат можноста за вклучување на американски инвеститори во гасоводите „Северен тек“, кои го транспортираа рускиот гас до Германија пред инвазијата на Украина.

Според извори на „Ројтерс“, во разговорите биле вклучени Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, и Кирил Дмитриев, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин.

Белата куќа тврди дека во последно време не се воделе такви разговори во врска со „Северен тек“. Останува нејасно колку е заинтересиран Вашингтон за обновување на испораките на руски гас за Германија, а таков проект би се соочил со сериозни политички и правни пречки поради американските и европските санкции.

Зеленски ги упати своите критики по серијата смртоносни руски напади врз украинските градови. Според него, 78 лица загинале, а 215 биле ранети во руските напади во текот наизминатите два дена. Најмалку 30 лица загинале во денешниот напад врз Краматорск, додека 22 лица настрадале вчера во напад врз станбена зграда во Прилуки.

Зеленски најави дека нападите нема да останат без одговор.

И покрај острите критики од Вашингтон, украинскиот претседател потврди дека украинските преговарачи ќе престојуваат во САД во петок и сабота за понатамошни разговори. Тој повторно го повика Трамп да го зголеми притисокот врз Русија со цел да се отвори пат за завршување на војната.