Повеќе од две третини од младите во Европа доживеале тешки искуства во детството, како семејно насилство, злоупотреба или загуба на родител, што може да остави долгорочни последици врз нивното ментално здравје и квалитетот на животот, покажува нов извештај на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, пренесува „Еуроњуз“.
Истражувањето, спроведено меѓу ноември 2025 и јануари 2026 година, опфатило повеќе од 26.000 млади на возраст од 18 до 30 години. Според резултатите, секој петти испитаник доживеал четири или повеќе негативни искуства во детството.
Најчестите искуства биле развод или смрт на родител, сведочење на семејно насилство и емоционална злоупотреба.
Извештајот покажува дека младите изложени на повеќе трауматични искуства почесто имаат проблеми со физичкото и менталното здравје, како и тешкотии во секојдневното функционирање.
Дури 76,3 проценти од испитаниците со четири или повеќе негативни искуства сметале дека во изминатата година им била потребна стручна психолошка помош, наспроти 36,7 проценти од оние кои немале такви искуства. Истовремено, токму најпогодените млади почесто останувале без потребната поддршка.
Од СЗО предупредуваат дека последиците од тешкото детство може да се пренесуваат и на следните генерации, но нагласуваат дека со навремена превенција, психолошка поддршка и создавање побезбедна средина за децата, негативните последици може значително да се ублажат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.























