Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, се соочи со критики од произраелски и антиционистички активисти откако го осуди нападот на 7 октомври на третата годишнина од нападот на Хамас врз Израел, но во исто време го обвини Израел за воени злосторства и геноцид во Газа.

Во соопштението, Мамдани изјави дека 7 октомври бил „страшен воен злостор“ и дека Хамас убил повеќе од 1.100 Израелци и киднапирал 251 лице тој ден.

Во продолжението на соопштението, Мамдани изјави дека страдањето „продолжува преку разорниот, континуиран геноцид“ што, според него, израелската влада го спроведува во Газа, каде што, како што наведе, биле убиени повеќе од 74.000 Палестинци, вклучувајќи повеќе од 21.000 деца.
Неговата изјава предизвика реакции од одредени еврејски организации, израелски претставници, американски политичари и пропалестински активисти. Џонатан Гринблат, извршен директор на Лигата против клевета (ADL), го обвини Мамдани за „инструментализирање на денот посветен на сеќавањето на најлошиот масакр врз Евреите од Холокаустот“ за да ги повтори своите антиционистички ставови.

Гринблат изјави дека Њујорк, кој има најголемо еврејско население надвор од Израел, заслужува градоначалник кој може да им оддаде почит на жртвите „без да ги експлоатира“.

Џек Симони, претседател и директор на Фондацијата на Еврејскиот центар Аушвиц, рече дека на Евреите треба да им се дозволи да го посветат тој ден на жалост за убиените, силуваните жени и децата сирачиња, без нивното страдање да биде претставено како обвинение против Израел.

Американскиот комитет за јавни работи на Израел ја оцени изјавата на Мамдани како „срамен морален неуспех“. Демократскиот конгресмен од Њујорк, Ден Голдман, ја нарече изјавата „скандалозна и навредлива“, наведувајќи дека 7 октомври требало да биде посветен на сеќавањето на жртвите од нападот.

Рабинот Амиел Хирш, претседател на Одборот на рабини во Њујорк, рече дека изјавата на Мамдани е „морално изопачена“ и дополнително ја продлабочила болката на еврејската заедница во Њујорк и САД. Амбасадорот на САД во Израел, Џехиел Лајтер, го нарече Мамдани „бранител на палестинскиот тероризам, промотор на антисемитизмот и застапник на антиамериканизмот“.

Во исто време, Мамдани беше критикуван на собирот на антиционистички и пропалестински активисти пред Градското собрание во Њујорк. Околу 200 демонстранти се собрааа, а учесниците го критикуваа Мамдани за неговата политика кон Израел и Палестинците. Демонстрантите го критикуваа за тоа што не ја отпуштил комесарката на полицијата во Њујорк, Џесика Тиш, која се декларира како ционистка, како и за одржување настани во одредени синагоги во Њујорк со кои се промовира продажбата на недвижен имот на окупираниот Западен Брег.

Мамдани ги отфрли обвинувањата за антисемитизам.

Неговата администрација соопшти дека градот го зголемил финансирањето за програми за спречување на злосторства од омраза и поддршка за еврејските културни центри. Минатиот месец, Мамдани ја објави и стратегијата на градот за борба против антисемитизмот.