Платформата „Студентарија“ очекува Министерството за образование да ги прифати барањата на студентите за зголемување на надоместокот за студентски оброк, субвенционирање на меѓуградскиот превоз и подобрување на условите во студентските домови.

Студентските организации бараат субвенцијата за студентскиот оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, како и да се обезбеди попуст на билетите за меѓуградски превоз.

Од „Студентарија“ посочуваат дека и годинава се појавиле проблеми со остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк. Ангела Василевска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, вели дека дел од студентите биле одбиени бидејќи студентските служби навреме не ги испратиле списоците на редовни студенти до Министерството за образование.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека е запознаена со студентските проблеми и дека ќе се разгледа што може да се направи.

„Пресметката сега кажува дека според стапката на инфлација студентскиот оброк треба да се зголеми само за седум денари. Значи тој би бил 147 денари. Иницијативата за зголемување на сумата е стигната до МОН. Ние веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“, изјави Јаневска.

Текстот Студентите бараат 200 денари за оброк, Јаневска вели дека максимумот е 147 денари е превземен од МАКФАКС.